Вардар ќе биде спасен и пак ќе има мултимилионски буџет

Вардар не само што ќе биде спасен од колапс, туку и повторно ќе има мултимилионски буџет со кој ќе може достојно да се носи со ракометните гиганти ширум Европа. Мина 10 мај, датумот што Михајло Михајловски го посочи во желба за трпение од актуелните играчи, иако потоа Тимур Дибиров обелодени дека управата на чело со Сергеј Самсоненко веќе им дала одврзани раце на сите ракометари. И сценариото воопшто не е „црно“ за актуелниот македонски првак.

Разговорите за „новиот Вардар“ се веќе влезени во завршна фаза, се дискутира за детали, но едно е повеќе од јасно – буџетот воопшто нема да биде мал и треба да овозможи „црвено-црните“ да останат сериозна сила на европската ракометна мапа. ЕКИПА дознава дека буџетот во првата сезона по заминувањето на Самсоненко ќе изнесува околу три милиони евра. Ќе се оди на принципот на акционерско друштво при што неколку моќни компании ќе купат најмалку по 10% од вкупните акции, а не се исклучува ниту можноста за „државна помош“ како што тоа беше случај и со претходната власт. Еден од акционерите ќе биде Михајло Михајловски, како втор се споменува моќна македонска банка, а во игра се уште неколку моќни компании. За претседател ќе биде именуван Михајловски, но се уште се преговара околу тоа кој би бил директор на клубот, задолжен за вкупните финансии на „црвено-црните“.

Единствен проблем во целиот план останува статусот на Сергеј Самсоненко, поточно долговите што Русинот ги има кон актуелните играчи, кои девет месеци немаат земено ниту една плата, како што обелодени Роберто Парондо по големиот успех против Пик Сегед. Постои сериозна опасност доколку Русинот не ги подмири, овие трошоци да одат на товар на новата управа, која преку тужби од играчите би морала да ги покрие долговите на Сергеј, па токму затоа во следниот период ќе се интензивираат заложбите најпрвин ситуацијата да дојде „на нула“, Русинот да ги подмири старите трошоци, па новата управа да дојде и да почне да го формира играчкиот ростер.

Едно е сигурно, со сериозен буџет од околу три милиони евра, со „стар лисец“ како Михајловски за претседател и верната скопска публика, Вардар повторно ќе има што да каже и покаже на европската ракометна сцена.

Се вчитува...