Вардар ќе биде во група со шампионот Монпелје во новата сезона во ЛШ

На 29 јуни во Виена со ждрепка ќе бидат одредени групите за новата сезона во ракометната Лига на шампионите. ЕХФ одреди осум „шешири“ со по две екипи што ќе се натпреваруваат во групите А и Б и шест шешири со по две екипи во групите Ц и Д во Лигата на шампионите во машка конкуренција.

Двата македонски претставници, рангирани се како носители во првите шешири – Вардар во А/Б, а Металург во Ц/Д.

Според рангирањето и правилата на ЕХФ, Вардар е во ист шешир со ПСЖ и во групната фаза го избегнува парискиот тим со Раул Гонзалес на клупата. Но, вардарци во групата ќе го добијат европскиот шампион Монпелје кој, според правилото два тима од иста земја да не бидат во иста група, не може да биде во групата со ПСЖ. Монпелје беше фатален за вардарци во годинашното полуфинале на Ф4 турнирот во Келн (27-28) и го симна Вардар од европскиот трон.

Со повеќе од еден тим во групите А и Б се Франција, Германија и Унгарија, и за запазување на правилото, пет шешири ќе бидат ждребувани, а од три шешири екипите ќе бидат разместени во двете групи.

Исклучок од ова правило ќе биде само екипата на Нант како трет претставник од Франција кој ќе биде во група со еден од другите два француски тима. Европскиот вицешампион за кој настапува македонскиот капитен Кире Лазаров, е еден од потенцијалните противници на Вардар во групната фаза. Меѓу себе се избегнуваат Кире Лазаров со Нант и Филип Талески со Рајн Некар Левен бидејќи францускиот и германскиот тим се рангирани во осмиот шешир.

Вардар пак, во групната фаза го избегнува Мотор Запорожје за кој од следната сезона ќе настапува македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски бидејќи украинскиот првак е рангиран во шестиот шешир со Монпелје.

Во групите Ц и Д, екипите од сите шест шешири ќе бидат распределени со ждрепка бидејќи сите 12 тима се од различни земји. Металург е рангиран како носител во првиот шешир заедно со Висла Плоц и го избегнува полскиот вицешампион во групната фаза.

Првата рунда од натпреварите во Лигата на шампионите во машка конкуренција ќе се одиграат во периодот 12-16 септември, а последната рунда во групите А и Б ќе биде од 27 февруари до 3 март 2019 година.

Се вчитува...