Вардар не е во Топ 10: ЕХФ ја објави ранг-листата пред стартот на ЛШ

ЕХФ вообичаено ја објави ранкинг листата од десетте најдобри клубови во пресрет на новата сезона во Лигата на шампионите, што ќе стартува следната седмица на ракометните терени ширум Европа.

Македонскиот првак Вардар не се наоѓа меѓу десетте избрани тимови од самиот европски врв, очекуван исход ако се знае дека двократниот европски првак од Македонија по неколку години пауза сега се враќа назад онаму каде што заслужува да биде – во самиот крем на ракометна Европа.

Во рангирањето на ЕХФ на првото место е европскиот првак Барселона пред големиот ривал Магдебург, а интересно е што Фухсе Берлин предводен од Гидсел е само петторангиран. Пред овој бундеслигаѓ се наоѓаат Веспрем на третата и Алборг на четвртата позиција.

Зад Берлин во оваа Топ-листа од десет тима на кои им се даваат најголеми шанси во ЛШ се уште Киелце, ПСЖ, Спортинг Лисабон, Пик Сегед и Висла Плоцк.

За Вардар не е ништо ново да биде потценет во елитата, но „црвено-црните“ веќе покажаа дека знаат како се стигнува до врвен резултат кога многумина ги отпишуваат.

Македонскиот првак сезоната во ЛШ ја стартува со гостувањето во Германија против Мелсунген, меч закажан за 10 септември.

Се вчитува...