Вардар не се откажува од титулата: Стоп за Е. Пелистер во „Јане Сандански“!

Трката за титулата во ракометниот плејоф ќе биде суперинтересна до самиот крај откако Вардар славеше во денешното дерби против Еурофарм Пелистер со 24-20, намалувајќи ја разликата меѓу двата тима на само два бода. Битолчани допатуваа еуфорични во Аеродром по серијата од седум победи од стартот на плејофот, меѓу нив и онаа двоцифрената од пред само неколку дена против вицешампионот Алкалоид, но избраниците на Ангеловски овојпат наидоа на сериозен ривал кој беше поквалитетен во клучните моменти и заслужено славеше. Цврстата одбрана во последните десетина минути беше клучен фактор за овој триумф на „вардарци“, Томовски не прими гол во последните 11 минути од дербито и го предводеше својот тим до големата победа.

Дербито го отвори Лазаревски со гол од својот прв обид на мечот, по одличната асистенција на Јапонецот Јасухира. Вардар ја одржуваше минималната предност, а Томовски ги крена на нозе домашните навивачи со одбранетиот пенал на Кузмановски во 9. минута, при водство на Вардар од 4-3, по што Родригез во 11. минута за првпат го донесе Вардар на „плус два“ (6-4). Лесјак почна со серијата одлични одбрани неутрализирајќи го Лазаревски, а Томовски одговори на спротивната страна со два запрени седмерци (по еден на Кузмановски и на Радивојевиќ).

Ангеловски побара тајмаут за гостите при водство на Вардар од 10-8, „пелистерци“ експресно стигнаа до израмнување, но потоа на сцена стапи Гоце Георгиевски, со два нови погодоци враќајќи го домаќинот на „плус два“. Вардар имаше и напад за „плус три“ што не го реализираше, по што Пешевски пред самиот крај на полувремето со својот четврти гол намали на 12-11.

Вториот дел почна со гол на Цехте за израмнување на 13-13, по што Аларов биеше прецизно на спротивната страна. Томовски запре уште еден седмерец на Е. Пелистер (овојпат биеше Манасков), Вардар повторно дојде до „плус два“ (16-14, 17-15), но битолчани предводени од Нејт Цехте се вратија до 17-17, пред Радивојевиќ да стрела прецизно од крило, за прво водство на Е. Пелистер на мечот (17-18, 42. минута). Е. Пелистер во овие моменти напаѓаше со „седум на шест“, а Томовски при 18-19 фати „жив“ проектил на Кузмановски, но потоа од сопствените шест метри не успеа да ја смести топката во противничката мрежа.

Огромната битка продолжи, Петриќ постигна среќен погодок за 20-20, по што Томовски на спротивната страна запре зицер на Жарко Пешевски, а Недановски при егал-резултат на помалку од десет минути до крајот побара тајмаут. Јасухира со нов гол од седмерец го врати Вардар во водство, а во 23. минута следеше нова ерупција од воодушевување меѓу скопските фанови, кога Родригез погоди од контранапад за 22-20. Пелистер и со „седум на шест“ се мачеше против извонредната зона на Вардар, „црвено-црните“ влегоа во ритам, па преку Јасухира за првпат на мечот стигнаа и до три гола предност (23-20). Филип Кузмановски влезе во серија грешки, а Лесјак го одржа својот тим во живот бранејќи пенал при 23-20 на три минути до крајот. Сепак, безидејноста на Пелистер во клучните моменти и цврстата вардарова одбрана беа пресудни, Цехте биеше непрецизно и капитулацијата на битолчани беше неизбежна, актуелниот првак во последните 12 минути од дербито не постигна ниту еден гол, па Вардар заслужено тримфираше со конечни 24-20.

Томовски беше извонреден со 12 интервенции, во нападот Јасухира беше најефикасен со шест погодоци, пред Георгиевски, Петриќ и Родригез со по четири постигнати гола. На спротивната страна, најефикасни кај Е. Пелистер во овој пораз беа Цехте со шест и Пешевски и Радивојевиќ со по четири погодоци.

Се вчитува...