Вардар остана без тренер: Никола Глигоров поднесе оставка

Најтрофејниот македонски фудбалски колектив Вардар остана без тренер, откако вчера по натпреварот со Гостивар оставка поднесе легендата на клубот Никола Глигоров. На вчерашниот меч со Гостивар, „црвено-црните“ беа поразени со 2-1, благодарение и на судиските грешки на арбитрите кои поништија гол за Вардарци, а потоа досудија смешен офсајд, и на крај и крајно сомнителен пенал во корист на домашниот тим.

Глигоров е прв тренер на екипата од септември минатата година, откако го замени Горан Симов на клупата. Амбициите беа пласман во Првата лига, но после вчерашниот пораз, се чини дека „црвено-црните“ се далеку од втората позиција на табелата.

Оставката за „ЕКИПА“ ја потврди и самиот Глигоров, кој се заблагодари на соработката, и му посака на тимот успех понатаму.

Најсериозен кандидат да го замени е Жикица Тасевски, кој и претходно беше поврзуван со клупата на Вардар, но беше и натаму под договор со грчки Ксанти. Доколку спорот во меѓувреме е решен, тогаш ќе нема никаква пречка да биде промовиран во „црвено-црните“.

Се вчитува...