Вардар подобар од Нексе, против Тримо за финале на турнирот „Крсте Андоновски“

Ракометарите на Вардар забележаа нова победа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, откако го совладаа Нексе со 33-27 и направија голем чекор кон пласманот во финалето.

За „црвено-црните“ ова беше значително потежок натпревар во однос на убедливиот триумф над Олимпијакос. Нексе одлично го отвори дуелот и во поголемиот дел од првото полувреме имаше предност.

Вардар, сепак, предводен од одличниот Валах, успеа да се врати во игра и да фати приклучок, но хрватскиот состав на пауза замина со минимална предност од 16-15.

Во вториот дел долго време се играше во егал, но Вардар го подигна нивото токму кога беше најпотребно. Македонскиот шампион влезе во серија, направи разлика и во завршницата рутински ја одбрани предноста за конечни 33-27.

Со оваа победа Вардар утре го очекува директен дуел со Тримо Требње за првото место во групата Б и пласман во финалето.

Во другата група, за место во големото финале ќе се борат Охрид и Загреб, додека Нексе по поразите од Тримо и Вардар ќе игра против Олимпијакос за третото место во групата и пласман во натпреварот за петтото место.

Се вчитува...