Вардар поразен од Татран Прешов на стартот на СЕХА

Ракометниот шампион на Македонија со пораз на гостувањето кај Татран Прешов 27-23 во првиот натпревар од најновото издание на СЕХА лигата.

Тренерот Владо Недановски на овој меч можеше да смета и на репрезентативците на Македонија (Филип Талески, Гоце Георгиевски, Мартин Томовски), како и на најновите аквизиции Михаил Аларов од Тинекс Пролет о Бразилецот Дутра Фереира.

„Црвено-црните“ одлично го стартуваа мечот и буквално го решетаа противникот од секоја позиција, а со голот на Филип Талески во десетата минута стигнаа и до плус три (3-6). Три минути подоцна Вардар имаше предност и од 4-7, по што следуваше голем пад. Домаќините успеаја да направат серија од 5-0 и во 19. минута да стигнат до плус два 9-7. Оваа предност успешно ја чуваа до крајот на првиот дел кога за првпат стигнаа и до плус три (14-11).

Како што заврши првото полувреме така продолжи и второто, а Словаците во 45. минута за првпат стигнаа до плус пет (21-16). „Црвено-црните“ заиграа подобро во продолжениe, па со осмиот погодок на Филип Талески во 54. минута успеаја по подолго време да стигнат на само минус еден (22-21). Следуваа неколку грешки на „вардарци“ па со два гола во низа домаќините повторно стигнаа до плус три (24-21). Со погодоците на 18-годишниот Марио Стојановски и Марко Мишевски Вардар во последната минута влезе со минус еден (24-23). Сепак, тоа беше се од нашиот тим, откако Словаците искористија неколку наши грешки за конечен триумф од 27-23.

Филип Талески со осум погодоци беше најдобар поединец во составот на македонскиот клуб, додека кај поразените Рабек постигна десет гола.

Се вчитува...