Вардар против ослабениот Кил, шанса за прекин на „црната серија“ во ЛШ

Ракометарите на Вардар вечерва на домашен терен ќе го пречекаат германскиот Кил во натпревар од шестото коло во Лигата на шампионите. Кил на овој меч ќе биде ослабен бидејќи во ростерот нема да се најдат Сагосен, Винцек и Вајнхолд.

Тренерот на „црвено-црните“, Веселин Вујовиќ вели дека неговиот тим сака да победува и кога не игра најдобро.

„Кил во Скопје доаѓа не во најдобра форма и со отсуство на некои важни играчи. Искрено би сакал Кил да дојде во полн состав, за ние да можеме да го покажеме целиот наш квалитет. Сакам Вардар да не игра само во моментите на инспирација, носен од добрата атмосфера. Сакам да победуваме и кога не играме најдобро. Не треба да бараме оправдувања, сите знаат дека ние сме нова екипа. Ме радува тоа што Вардар има простор да напредува, да биде уште подобар. Ние сме мотивирани, од тренерот до играчите, сигурен сум дека не треба да ги повикувам навивачите да дојдат во сала, ќе дадеме се од себе да го победиме фантастичниот Кил без разлика што не доаѓа во комплетен состав“, изјави Вујовиќ. 

Голманот на „вардарци“, Мартин Томовски вели дека ќе мора да се поправат некои недоразбирања во одбраната од претходните два меча, ако сакаат да се дојде до поволен резултат против фаворитот.

„Дефинитивно имавме некои недоразбирања во одбраната на последните две средби, верувам дека тоа ќе се поправи против Кил. Потребно е да ги поправиме концентрацијата и дисциплината во клучните моменти и ќе бидеме подобри. Кил е одлична екипа, добро се познаваат, одлично играат, но како и секојимаат недостатоци. Целта е да ги искористиме тие недостатоци и нивното жестоко темпо на играње на неколку фронта“, изјави Томовски. 

 Натпреварот меѓу Вардар и Кил кој ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ е закажан за во 20.45 часот.

Се вчитува...