Вардар против Пик Сегед за прекинување на „црната-серија“ во ЛШ

Македонскиот ракометен шампион Вардар вечерва му гостува на Пик Сегед во натпревар од 7. коло во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ се во серија од три порази во елитното натпреварување и по одличниот старт на сезоната се наоѓаат во една мала криза.

Тренерот на „вардарци“, Веселин Вујовиќ вели дека мора да ја прекинат серијата порази во Лигата на шампионите.

„Продолжува Лигата на шампионите по ЕХФ паузата. Сите се собравме, сите се здрави, што е многу важно. Играме против Пик Сегед, познат противник и еден од најдобрите тимови во Европа. Некако како да играме некој бараж, бидејќи сега одиме во Сегедин, а после седум дена тие доаѓаат во Скопје. Ќе биде интересно да видиме како ќе се одвиваат двата натпревара. Вардар е подготвен, јас веќе реков дека мора да ја прекинеме оваа серија порази од Монпелје, Алборг и од Кил. Најголемата шанса ни е во Сегедин. Мора да одиграме храбро, Вардар по традиција игра добро во Сегедин, па се надевам дека и овој пат ќе биде така“, изјави Вујовиќ. 

Слично размислуваат и крилата, Тимур Дибиров и Гоце Георгиевски…

„Мислам дека ќе биде тежок натпревар, но сакаме да дојдеме до победа. Ни недостигаат бодови. Очекувам машки натпревар и многу сериозен. Ќе биде тешко, но не сакаме да отидеме таму со „бело знаме“. Затоа одиме на победа“, изјави Дибиров. 

„Не очекува тежок противник со кого многу добро се познаваме. Минатата сезона одигравме два тесни меча со нив кои ги загубивме. Мислам дека и сезонава ќе бидат неизвесни натпревари. Се подготвуваме за нив. Одиграа добар натпревар против Веспрем посебно во одбраната. Одиме таму да се надигруваме и без „бело знаме“. Знаеме какви квалитетни поединци имаат. Секогаш играат против нас со посебен мотив и се надевам дека овој пат ќе не посака среќата“, изјави Георгиевски. 

Мечот кој ќе се игра во Сегедин е закажан за 18.45 часот.

Се вчитува...