Вардар со негатива од два гола на полувреме против ППД Загреб

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар има негатива од два гола (14-12) на полувреме на гостувањето кај ППД Загреб во 10. коло од годинашното издание во Лигата на шампионите.

Вардар повторно почна слабо и дури по четири минути преку Филип Талески успеа да го постигне првиот гол на натпреварот. Дефинитивно среќата не беше на страна на Кевин Њокас кој три пати по ред ја погодуваше пречката, по што ППД Загреб во 10. минута за првпат стигна до плус три (5-2).

„Црвено-црните“ ги консолидираа редовите и во 15. минута со голот на Моралес успеаја за првпат да стигнат до водство од 6-7. Следеше гол и на Гаџа со кој Вардар првпат стигна и до плус два (6-8).

Резултатската „клацкалка“ продолжи и во следниот период од првото полувреме. Вардарци повторно стигнаа до плус два (9-11), по што Хрватите повторно израмнија и на пет минути до крајот на првите 30 минути се влезе во егал (11-11).

Црната серија на гостите продолжи и во следниот период, а домаќините со одлична игра во одбраната стигнаа повторно до плус два (13-11). Столе Стоилов намали на 13-12 на минута до крајот на првото полувреме. Буквално во последните секунди загрепчани изнудија пенал и исклучување на Жереми Тото, а ударот од седум метри сигурно го изведе Иван Чупиќ за 14-12 на полувреме.

Иван Чупиќ со пет гола е најефикасен по првиот дел кај домаќините, додека кај „црвено-црните“ Тимур Дибиров досега постигна три гола.

Се вчитува...