Екипата на Вардар одбраната на титулата во Лигата на шампионите ќе ја стартува со гостување во Полска, против екипата на Висла Плоцк. ЕХФ дури денеска, петнаесетина дена по ждребот, го објави распоредот на натпреварите за групната фаза, во која „црвено-црните“ се дел од групата Б заедно со Барселона, Некар Левен, Целје, Висла Плоцк, Пик Сегед, Нант и Кристијанштад.
Новата сезона ќе стартува на 13 септември, а најдоцна до 17 септември ќе биде комплетирано првото коло, во кое „вардарци“ ќе гостуваат во Полска на ривалот со кого се имаат сретнато неколку пати во изминатите години.
Првиот домашен натпревар во ЛШ во новата сезона европскиот првак ќе го игра против француски Нант, кој во Скопје ќе биде предводен од репрезентативниот капитен Кире Лазаров.
Првиот натпревар со Барселона „вардарци“ го играат на домашен терен во периодот од 11 до 15 октомври, по што веднаш ќе следи гостување во Германија на тимот на Некар Левен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА