Вардар вака не го личи: Кокшаров се крие по поразите, на прес мора – директорот

Вардар претрпе уште еден убедлив пораз во Лигата на шампионите, овојпат со девет гола разлика од „фенерџијата“ во групата Брест Мешков. Покрај слабата игра и очигледно нарушената атмосфера во екипата, уште повеќе загрижува максимално непрофесионалниот однос на Едуард Кокшаров.

Русинот дефинитивно е лош губитник бидејќи по секој неуспех наоѓа некој да го „замени“ за неговите обврски да се појави на прес-конференција по поразите. Така, на денешниот прес по мечот во Белорусија пред новинарите не се појави член на стручниот штаб, туку директорот на клубот, Марко Савовски.

„Честитки за домаќините за победата. Ние игравме добро 50 минути, во тој период мечот беше израмнет. На крајот влеговме во проблеми во нападот и во одбраната“ – изјави Савовски.

Да не заборавиме, Вардар е актуелен европски првак, а „црвено-црните“ како бранители на европската круна мора да покажат класа и при победите, но и при поразите. Тоа е обврска што некој мора да му ја соопшти на Кокшаров, кој наместо да го разбуди Вардар од кризата, го закопа во уште подлабока дупка, паѓајќи на шестото место на табелата во групата.

Се вчитува...