Фудбалерите на Вардарски од Богданци во продолжението на првенството на единствената Втора лига на Македонија ги очекува тешка и неизвесна борба за опстанок. По турболентната есенска сезона, со чести смени на тренери се најде на претпоследното месго на табелата со само пет освоени бода и иднината на клубот во второлигашкото друштво не е розова.
По успешниот старт кога во гости ремизираа со Скопје, потоа го победија Детонит но следеше лош период. Почнаа да се редат порази, тренерот Васе Беќаров поднесе оставка, на кормилото дојде познатиот Ѓоре Јовановски, но и тој по неколку кола си замина, за да на крајот на клупата седна Трајче Ников, и бодови на крајот од есента.
Иако многумина веќе го имаат отпишано Вардарски од Втората лига, во годинашнава сезона по овој есенски дебакл, новото раководство на клубот на чело со претседателот Владо Манолев и новиот тренер, познатиот поранешен фудбалер на Тетекс, Беласица и Кожув, Ставре Ташев прават напори во подготвителниот период, пред пролетниот старт да ја засилат екипата и да се подготват за тешката борба за опстанок во лигата.
На тренерот Ташев не му беше лесно, си заминаа повеќе фудбалетри од стандардниот состав, едно време немаше играчи за да се играат контролни натпревари. Па дури и меѓу себе. Од играчите кои беа есенва меѓу 16 пријавени во записниците за натпреварите останаа единствено: Адем Стојанов, Кристијан Мингов, Ѓорѓи Карамитров, Ристе Миленковски, Филип Радевски, Милош Спасовски и Андреј Данчевски.
Меѓутоа новото раководство на клубот, со големи напори и ангажирање успеа да ја засили екипата за пролетното првенство, засега, дури со 12 фудбалери. Тоа се: Миран Илиевски и Марко Софијановски од Борец, Лука Јакимовски (Осогово), Даријан Трајчев (Вардар Неготино), Ахмед Домазет (Охрид), Давид Ашованов (Д.Езеро), Алтин Нурединовски (Македонија ЃП), Даниел Васиќ (Академија Илинден) како и со Мирко Ристов, Кристијан Димитров, Филип Лазаревски и Бењамин Демир кои есенва немаа ангажман.
Новите играчи донесоа малку оптимизам кај тренерот Ташев, добро се вклопија во тимот, одигран е во саботата и прв контролен натпревар на кој Вардарски во Пирава го совлада третолигашот Ударник дури со 6-0.
„Во контакт сме и со уште неколку играчи за да ја комплетираме екипата. Свесни сме дека се наоѓаме во тешка положба, но не се предаваме. Не залудно се вели, надежта последна умира. Имаме шанси барем да играме бараж за опстанок. Се ќе зависи од првите неколку кола. На стартот играме со Скопје и Детонит во Богданци, гостуваме на Кожуф. За нас сега секој меч е еден вид квалификационен за опстанок“ – ни рече тренерот Ташев.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА