Варди би можел да продолжи во Бразил!?

Бразилскиот гигант Сао Паоло влезе во трката за потписот на Џејми Варди, откако на искусниот англиски напаѓач му понуди ангажман како слободен агент.

Варди, кој има 39 години, моментално е без клуб по заминувањето од Кремонезе. Во својата единствена сезона во Серија А постигна седум гола на 29 натпревари, но не успеа да му помогне на тимот да го избегне испаѓањето во Серија Б.

Сао Паоло сака да ја искористи ситуацијата и да го донесе искусниот голгетер во Бразил без обесштетување. Разговорите се во почетна фаза, а бразилскиот клуб веќе стапил во контакт со луѓе од опкружувањето на Варди.

Сепак, Сао Паоло има сериозна конкуренција. За Варди интерес покажуваат и англиски клубови, меѓу кои Вест Хем, додека постои и можност за емотивно враќање во Шефилд Венздеј, клубот во чија академија ја започна кариерата.

Варди сè уште нема донесено конечна одлука за својата иднина, но според досегашните информации, тој не планира пензија и сака да продолжи да игра професионален фудбал и во следната сезона.

Се вчитува...