Екипата на МЗТ Скопје Аеродром веќе три недели се наоѓа во силен тренажен процес, подготвувајќи се за предизвиците кои претстојат во новата сезона на домашната сцена, но и во АБА2-лигата и во ФИБА Еврокупот.
Шефот на стручниот штаб, Васко Атанасов, е задоволен од досега сработеното, особено по успешното завршување на мини-кампот во Негорски Бањи и првиот контролен натпревар. Во пресрет на серијата пријателски средби кои следуваат, стратегот на „штрковите“ ги сподели своите импресии од новиот ростер и очекувањата за стилот на игра кој ќе го краси нашиот тим.
Веќе од првиот ден на подготовките јасно е дека во Аеродром се гради тим со голем потенцијал.
„Мислам дека создадовме многу компактен, разноврстен и борбен ростер кој сигурно ќе игра кошарка каква што треба да игра МЗТ Скопје. Направивме промени, имаме нови лица во тимот и верувам дека ќе направиме целина која најдобро што може ќе одговори на секој од предизвиците што се пред нас. Во времето кое помина зад нас, согледавме како овој тим може да игра и колку може да напредува. Тоа е всушност нешто што посебно ме радува и верувам дека ќе биде вистинско задоволство да се гледа во текот на сезоната“, вели Атанасов.
Тимската хемија и физичката подготвеност секогаш се клучни за долга и напорна сезона, а токму на тоа се работеше за време на престојот во Гевгелија.
„Тренинг кампот во Негорски Бањи го искористивме за унапредување на техничко-тактичкиот дел, како и за кревање на физичката форма пред периодот во кој ќе ги одиграме подготвителните натпревари кои ќе ни ги покажат нашите добри и лоши страни. Играчите работеа доста напорно и секако сум задоволен од сработеното на теренот“, дополнува тренерот на актуелниот шампион.
Првиот тест на подготовките донесе убедливо издание и дури 111 постигнати поени против тимот на Кожув, што е јасна најава за филозофијата на стручниот штаб.
„Натпреварот против Кожув покажа некои црти од тоа како нас како стручен штаб ни е замислено овој тим да игра. Секако, со ростер полн со потентни офанзивни играчи, брзата игра и нападот ќе бидат нешто на кое ќе инсистираме. Останува да продолжиме да работиме и да го унапредуваме тоа што веќе го имаме.“
Очекувањата од клубот со реномето на МЗТ Скопје секогаш се највисоки, без разлика на натпреварувањето. Атанасов добро знае што се бара од него и од кошаркарите.
„Моите очекувања со МЗТ се секогаш исти – напад на секој трофеј и победа на секој натпревар! Најважно ми е на секоја средба да го дадеме максимумот, да се бориме до крај и да не ги оставиме навивачите разочарани. Сигурен сум дека таквиот пристап ќе нe донесе до посакуваната цел“, поентира стратегот на сино-белите.
Наш следен противник во контролниот период ќе биде тимот на ГКК Штип, закажан за в среда на отворањето на спортскиот центар „Џексон“ во овој град.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
