Велковски не оди во Погон, сега во опција Удинезе, Еибар и тим од Турција

Дарко Велковски нема да биде нов член на Погон Шчечин од Полска, и покрај најавите од тамошните медиуми уште пред мечот со Малта во рамките од квалификациите. Сепак, стоперот на македонскиот национален тим нема да потпише за полската екипа.

И додека чека на нов ангажман, за Велковски доаѓаат информации за интерес од Италија, Шпанија и Турција. ЕКИПА дознава дека три тима се во моментов заинтересирани за потписот на Македонецот. Во опција е калчолигашот Удинезе, кој бара стопер после повредата на Енцо Ебосе кој се очекува да паузира до крајот на сезоната. Проблем е тоа што тие сакаат краткорочно решение, односно до крајот на сезоната.

За Велковски има интерес и од шпански Еибар. Второлигашот сака да се врати во шпанската „елита“,  но не тргна најдобро во новата сезона, и од шест меча има четири порази и само две победи.

Третиот клуб кој го посакува Велковски е Газиантеп од Турција. Таму веќе настапува Лука Станковски, но проблематичен е катастрофалниот старт на тимот со пет порази од пет натпревари во турската Супер-лига. Исто така проблем претставува и широкиот играчки кадар кој го има клубот.

Велковски е слободен агент откако беше раскинат договорот со Ал-Етифак, и сега може да потпише било каде во било кое време, иако е завршен преодниот рок во голем број на земји.

Се вчитува...