Велковски: Срцето ми е полно, едвај чекаме да дојде ЕП

Дарко Велковски е еден од оние играчи со чие име се поврзани најголемите успеси на македонскиот фудбал, дефанзивецот беше дел од младинската репрезентација на ЕП во Полска, беше дел и од тимот на Вардар во групите од Лигата на Европа, а Велковски сега беше стандарден и во сениорската репрезентација на патот до најголемиот успех во историјата – пласманот на ЕВРО 2021.

„Се уште не сме свесни што ни се случи, дека стигнавме до европскиот шампионат. Немаше публика за да прославиме со некого, па го нема она вообичаено чувство. Потрошивме премногу енергија, бевме емотивно испразнети, но кога ќе ти стигнат толку пораки од целата држава, гледаш колку тоа им значи на сите. Овој успех е огромен за сите Македонци, срцето ти е полно кога знаеш за кого си играл, за што си игра. Едвај чекам да дојде и тоа ЕП“ – ни изјави Велковски по дуелот со Грузијците.

Лигата на Нации како натпреварување се покажа среќно за Македонија, бидејќи нашите фудбалери го искористија фактот што играа со послаби ривали од вообичаено и се вивна до самиот „крем“ на Европа.

„Некој ќе каже дека ни било лесно преку Лигата на Нации, но сепак мора да излезеш на терен и да победиш толку многу натпревари за да се пласираш. Мораш да имаш квалитет и малку среќа, но ете… на крајот успеавме“ – задоволен е Дарко Велковски.

Се вчитува...