Легендарниот француски стручњак Арсен Венгер потврди дека по завршувањето на Светското првенство 2026, ФИФА ќе ги анализира задолжителните паузи за хидратација, што предизвика бројни реакции од навивачите, тренерите и стручната јавност.
Задолжителните паузи за хидратација беа една од најкоментираните вести на Светското првенство, кое се игра во САД, Канада и Мексико, а сега има потврда дека ФИФА ќе ја разгледа нивната иднина по турнирот.
Ова го потврди и Арсен Венгер, поранешниот легендарен менаџер на Арсенал, кој денес е директор за глобален развој на фудбалот во ФИФА.
Светската фудбалска федерација одлучи пред почетокот на турнирот да воведе задолжителни паузи од три минути за хидратација на сите натпревари, без оглед на временските услови или температурата.
Официјалното објаснување беше дека станува збор за мерка насочена кон заштита на здравјето на играчите, но многу брзо се појавија бројни критики.
Многу навивачи и стручњаци сметаа дека прекините непотребно го забавуваат темпото на натпреварите, додека некои тврдеа дека се е тоа за спонзорите и парите кои ФИФА ќе ги добие од маркетинг.
Како што напредуваше турнирот, свирежи од публиката можеа да се слушнат на бројни стадиони секогаш кога судиите ќе означеа почеток на пауза за освежување.
Венгер признава дека реакциите на јавноста не останале незабележани и вели дека ФИФА детално ќе го анализира целиот проект по завршувањето на Светското првенство.
„Мораме да признаеме дека понекогаш на луѓето не им се допаѓаше. По Светското првенство ќе анализираме какво било вистинското влијание на тие паузи“, рече Венгер.
Тој додаде дека, според него, паузите не влијаеле на резултатите од натпреварите, но дека ФИФА пред сè мора да го земе предвид искуството на гледачите.
„Не ми се чини дека тие го промениле исходот од натпреварите, но ние сме тука да им служиме на луѓето што гледаат фудбал, а по турнирот ќе извлечеме заклучоци“, рече Французинот.
Тој особено нагласи дека навивачите биле незадоволни на покриените стадиони, каде што високите температури не биле толку голем проблем како на отворените терени.
Паузите, покрај освежувањето на играчите, им овозможија на тренерите дополнително време за тактички корекции, поради што многумина велеа дека натпреварите добиле еден вид „тајм-аут“, што претходно не било случај во фудбалот.
Европската фудбалска федерација УЕФА веќе објави дека нема намера да ја воведе оваа практика во своите натпреварувања, додека селекторот на Англија, Томас Тухел, за време на Светското првенство изјави дека паузите го нарушуваат ритамот и го менуваат идентитетот на фудбалската игра.
Од друга страна, селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, ја поддржа оваа одлука, велејќи дека здравјето на играчите секогаш мора да биде приоритет и дека кратката пауза за освежување е целосно оправдана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
