Веселиновски: Новото спонзорство е од голема помош за Работнички, но не треба да се очекува инстант-успех

Горан Веселиновски беше човекот што се нафати за предизвикот да се обиде да го консолидира КК Работнички во периодот на најголема криза и огромни долгови и блокади на сметка од поранешни играчи, тренери, директори… Кога многумина кренаа раце, поранешниот капитен се нафати за предизвикот, за шест месеци успеа да врати половина од долговите, за почеток на консолидацијата на најтрофејниот кошаркарски колектив.

Работнички е главна вест во кошаркарската јавност по богатиот спонзорски договор што „центарци“ го потпишаа со српскиот телекомуникациски магнат МТЕЛ, но директорот Веселиновски настојува да остане цврсто на земја, не дозволувајќи нереални очекувања веднаш по доаѓањето на новиот спонзор.

„Пред се, сакам да истакнам дека сме многу благодарни на спонзорството кое ќе донесе финансиска стабилност на Работнички во еден подолг период. По годините во кој клубот беше со блокирани сметки и бројни тужби за неисплатени долгувања сега сме на добар пат да ги оставиме сите такви проблеми зад нас и Работнички да го вратиме онаму каде што припаѓа. Сепак, сакам на сите да им е јасно дека ова не е брз процес бидејќи само затоа што сме добиле еден одличен спонзор, не значи дека треба да се очекува инстант-успех“, порачува Веселиновски.

Тоа беше очигледно и на првиот меч од новата сезона, што Работнички го загуби со двоцифрена разлика од екипата на Феникс.

„Не треба да се заборави, овој тим е составуван со буџет во кој воопшто не беа пресметувани парите од новото спонзорство, буџет од кој се враќаа и старите долгови. Во ростерот имаме голем број на млади и талентирани играчи, кадетски и младински репрезентативци, но да не заборавиме дека тоа се кошаркари со апсолутно никакво прволигашко искуство во кои треба да се вложува и со квалитетна работа, но и со трпение. Ќе повторам, спонзорството е драгоцено за нас и тие пари ќе бидат добредојдени не само за оваа, туку и за наредните сезони, но факт е дека екипата е речиси составена. На пазарот веќе нема македонски играчи кои се без клуб, а и оние странци кои се без клуб се со лимитиран квалитет“, анализира директорот на Работнички.

Тој не бега од одговорноста „центарци“ наскоро да се вклучат во трката за титула, но инсистира дека не е реално тоа да се случи преку ноќ.

„Јас кога дојдов во Работнички, јасно ставив до знаење дека без оглед на тешката финансиска состојба, моја цел е да го вратам клубот онаму каде што припаѓа, во борбата за трофеи. Според некои проекции што ги правевме, очекувавме тоа да биде во третата сезона од моето доаѓање, но јасно е дека сега тој процес ќе се забрза. Ние сме Работнички и секогаш треба да се бориме за титулата, среќен сум што сега со моќен финансиски спонзор тој процес ќе се забрза. Сепак, ќе повторам, нереално е да се очекува дека тоа ќе се случи сезонава, бидејќи составената екипа и зацртаните цели се сосема поинакви. За нас ќе биде успех да влеземе во Топ 8, потоа ќе се бориме и за место во полуфиналето, а паралелно со тоа да создаваме нови играчи за иднината, кошаркари кои се репрезентативци на Македонија во своите категории, а сезонава ќе дебитираат во Првата лига“, порачува Горан Веселиновски.

Се вчитува...