Вест Хем изненади: Санто останува на чело

Вест Хем го допре дното во оваа разозчарувачка сезона испаѓајќи од елитното англиско фудбалско друштво, па „чеканите“ од следната сезона ќе бидат дел од Чемпионшип-дивизијата.

Ваков неуспех вообичаено се „крунисува“ со отказ за тренерот, но управата на лондонскиот клуб изненади многумина со одлуката – да го задржи Нуњо Еспирито Санто на клупата. Португалецот не успеа да го извлече максимумот од тимот, но став на управата е дека тој пристигна пред само неколку месеци и не може да биде посочен како главен виновник за неуспехот, па ќе добие шанса преку Чемпионшип експресно да го врати Вест Хем назад во Премиер-лигата.

„Целосно сме насочени кон планирањето на тимот за наредната сезона. Имавме разговори со тренерот Нуњо Еспирито Санто и пресреќни сме што можеме да потврдиме дека тој изрази подготвеност да го води тимот и во наредната сезона, што беше и наш план“, се вели во соопштението на Вест Хем.

Задачата сепак нема да биде нималку лесна ако се знае дека „чеканите“ имаат исклучително скап тим, но испаѓањето од Премиер-лигата сериозно ќе ги намали приходите. Како што информираат англиските медиуми, Вест Хем затоа ќе мора да продаде фудбалери за најмалку 100 милиони фунти за да ги среди финансиите, но истовремено и да задржи квалитетен ростер за да може да се избори за експресен камбек во елитата.

Се вчитува...