Фудбалерите на Струга ТЛ веќе се на само еден бод од лидерот Шкендија во Првата македонска фудбалска лига, откако триумфираа со 0-1 на гостувањето против Воска Спорт во заостанатиот натпревар од 4. коло.
Борбен дуел на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, во кој стружани заслужено дојдоа до трите бода по играта која ја прикажаа во второто полувреме кога постојано доминираа против домашната екипа.
Откако стружани не реализираа неколку шанси, кога се чинеше дека мечот ќе заврши без победник на сцена стапи Марјан Радески кој со глава мајсторски погоди во 86. минута за водство и победа на Струга ТЛ од 0-1.
Стружани полека се доближуваат до врвот на првенствената табела, па сега се на втората позиција на само еден бод од водечката Шкендија од која имаат и натпревар помалку.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА