ВИДЕО: Тензично пристигнување на Иранците во САД – „Напнатост во воздухот“!

Фудбалската репрезентација на Иран пристигна во Лос Анџелес пред нивниот прв натпревар на Светското првенство, а нивното пристигнување беше обележано со тензии и засилени безбедносни мерки.

Ѕвездата на тимот, Мехди Тареми, рече дека тензиите ја следат репрезентацијата уште од нивното пристигнување во Америка, каде што се очекува да се сретнат со Нов Зеланд во понеделник. Пристигнувањето во хотелот под полициска придружба и со протести е само дел од напнатата атмосфера.

Натпреварот се одвива во услови на војна со САД а учеството на Иран на првенството е обвиткано во неизвесност со месеци, вклучително и спорови околу одбивањето на визи за членовите на иранската делегација. Претходно и американски претседател Доналд Трамп го предупреди Иран: „Навистина не верувам дека е соодветно тие да бидат таму, за нивна сопствена безбедност“.

Пристигнување под полициска придружба

Откако базата на репрезентацијата беше преместена од Аризона во Мексико во последен момент, тимот на тренерот Амир Галеноеи во неделата прелета преку границата од Тихуана до Лос Анџелес. Речиси два часа по слетувањето на аеродромот ЛАКС, автобусот што ги превезуваше играчите пристигна во хотелот под полициска придружба, дронови, кучиња и обезбедување, иако хотелот е на само 15 минути возење од аеродромот.

Играчите беа пречекани од мала група демонстранти пред хотелот, а има извештаи дека до 35.000 демонстранти би можеле да се соберат на стадионот СоФи во понеделник. Лос Анџелес е дом на најголемата иранска дијаспора надвор од Иран, а многумина се поделени околу нивната поддршка за националниот тим поради нејзините наводни врски со политичкиот режим во земјата.

Тареми: Ја чувствуваме тензијата од моментот кога пристигнавме

За време на прес-конференцијата во неделата, Тареми истакна дека хаосот околу иранскиот национален тим ја поткопува пораката на ФИФА дека фудбалот „носи мир“. Неколку минути подоцна, претставници на ФИФА се обидоа да го прекинат прашањето на новинарот, што дополнително ја зголеми хаотичната атмосфера.

„Ја чувствувам тензијата од моментот кога пристигнавме“, рече Тареми. „Не е само Иран погоден, туку и други, вклучувајќи ги и судиите. Ја почувствувавме тензијата штом пристигнавме. Секако, ова не е толку убаво искуство како на претходните светски првенства. Зборуваме за мир и радост, и очигледно е дека ова искуство не е такво“.

Тој продолжи…

„Секако дека имавме проблеми, но дури и пред нашето пристигнување, чувството што луѓето го имаа чекајќи го Светското првенство не беше исто. Овој вид тензија ја поткопува таа радост и ја поткопува пораката на ФИФА – а тоа е дека фудбалот носи мир. Така се чувствував. Ова Светско првенство можеше да има подобра атмосфера, но се надевам дека во иднина ќе биде подобро за сите навивачи, без оглед на тоа кого навиваат.“

ФИФА забрани прикажување на знамињата на Иран од предреволуционерниот период со лав и сонце, а иранскиот режим се закани дека ќе ги прекине емитувањата на натпреварите ако се појават неодобрени знамиња или ако тимот е цел на навреди од трибините.

Наводно, на десет члена на иранската делегација им е забранет влез во САД, вклучувајќи го и претседателот на фудбалската асоцијација.

Американските претставници изјавија дека им се издадени визи на сите играчи и „потребниот помошен персонал“, но дека Иран не може да „го злоупотребува овој систем за да внесува терористи во САД под лажни изговори“.

На почетокот на конференцијата, тренерот Галенои изјави:

„Многу сум среќен што ја претставувам големата, горда и силна нација Иран. Драго ми е што сите сме тука од мојата земја и се надевам дека фудбалот ќе донесе радост и задоволство и ќе ги зближи културите и земјите. Се надевам дека Светското првенство ќе помине добро и покрај проблемите со патувањето што ги имавме. Се надевам дека ова нема да влијае на квалитетот на нашата игра.“

Се вчитува...