Владо Илиевски го менува Наумоски во МКФ!

Петар Наумоски ги одбројува последните месеци како прв човек на Македонската Кошаркарска Федерација, а негов наследник се очекува да биде Владо Илиевски, долгогодишниот македонски репрезентативец и стрелецот на најзначајните поени во историјата на нашиот национален тим, тројката за победа над Литванија на Евробаскет 2017. Извонредниот плејмејкер пред неколку месеци ја заврши професионалната кариера, тогаш во разговор за ЕКИПА истакнувајќи дека е подготвен да помогне на македонската кошарка, a со последниот развој на настаните огромни се шансите тоа да се случи на највисоко ниво – како претседател на МКФ.

ЕКИПА дознава дека Илиевски имал средби со еминентни лица од државата, од кои добил безрезервна поддршка за да тргне во офанзива на претседателската функција. Во следниот период би требало да следи лобирање кај клубовите, чија поддршка ќе треба да ја добие за да дојде до функцијата на која моментно се наоѓа Наумоски. „Пеце национале“ дојде на чело на МКФ на местото на Даниел Димевски, но за помалку од три години тотално го наруши имиџот што македонската кошарка го имаше на меѓународната сцена. Тој дојде во ситуација на изборен пласман на Евробаскет 2015, направи катастрофална грешка со промена на селекторот, а потоа донесе уште поголем анонимус – Драган Раца. Под водство на Наумоски репрезентативната кошарка ни го допре дното, пласирајќи се во претквалификациите за СП 2019 зад Естонија и Косово, па јасно е незадоволството на огромен дел од кошаркарската јавност од работата на претседателот и поддршката што допрва ќе следи за негова смена.

petar naumoski so ilievski

За разлика од Наумоски, кој претходно имаше и политички ангажмани како пратеник во Собранието на Р.М., Илиевски доаѓа без никакви „опашки“ зад себе, со јасна цел и визија за враќање на кошарката на старите патеки. За очекување е тој да ја добие поддршката на голем дел од „литванската генерација“, пред се на екс-капитенот Перо Антиќ кој во последните две години води отворена војна со Петар Наумоски.

На потег сега е актуелниот претседател, кој ќе треба да реши дали мирољубиво ќе ја предаде „кошаркарската власт“ или ќе влезе во војна со Илиевски. ЕКИПА веќе најави дека Наумоски се подготвува да ја напушти функцијатa за реализација на сопствен кошаркарски проект „Академија Наумоски“, за чија реализација изградбата на салата во населба Аеродром се наоѓа во завршна фаза. Останува да се види дали Наумоски веќе на наредното Собрание би му го отстапил своето место на Владо Илиевски, или ќе продолжи со жестоката борба за власт која ја водеше и во текот на минатата година, кога го издржа притисокот на клубовите и опстана на Вонредното Собрание што се одржа во Скопје.

Се вчитува...