Влахо не е повеќе тренер на Работнички

Александар Влахо не е повеќе тренер на Работнички, откако денеска поднесе оставка од функцијата шеф на стручен штаб. Тој во изминатите 11 месеци го водеше тимот на „романтичарите“, и се одлучи на оставка по слабите резултати во последните неколку кола. Работнички загуби од Академија Пандев во саботата со 0:3.

„По долго размислување, а со цел да се извлече заедничко добро и за мене и за тимот, донесов одлука да се повлечам од позицијата шеф на стручниот штаб на Работнички. Поминав прекрасни 11 месеци во клубот, чиј пријател и голем навивач ќе останам и во иднија. Сега е време да се посветам на мојот следен проект кој го подготвувам подолг период. Би сакал да се заблагодарам за одличната соработка и за поддршката на раководството на ФК Работнички, сите мои соработници и пред се на фудбалерите. Им посакувам добро здравје и успеси во иднина и искрено се надевам дека Работнички ќе успее да го најде патот за враќање на европската сцена“, изјави Александар Влахо за страницата на ФК Работнички.

ФК Работнички му се заблагодари на Александар Влахо за посветената работа и за максимално вложениот труд.

„Би сакал да му се заблагодарам на Александар Влахо за посветеноста и напорната работа во ФК Работнички. Клубот му посакува се најдобро во понатамошната кариера. Во наредните денови ќе биде назначен нов шеф на стручниот штаб“, изјави претседателот на ФК Работнички, Драган Поповски.

Се вчитува...