Влатко Стојановски се сели во втората лига на Франција

Влатко Стојановски не се снајде најдобро во Ним, па во потрага по поголема минутажа во Франција реши да се пресели во втората лига на оваа земја. Второлигашот Шамбле е новиот клуб на македонскиот голгетер, откако раководството на овој клуб постигна договор со Ним за едногодишна позајмица на Стојановски.

Македонскиот интернационалец се пресели во Франција по одличната сезона што ја имаше во дресот на Ренова, во трансфер вреден 1,5 милиони евра. Сепак, тој не ја доби посакуваната минутажа во Ним, каде настапи само на шест натпревари во француското првенство, постигнувајќи два гола во лига-купот на Франција.

Шамбле е тим што ланската сезона ја заврши на десеттото место во втората француска лига, а за сезонава најавува атак на повисок пласман. Овој клуб неодамна остана без српскиот голгетер Никола Петковиќ, по тешката повреда на лигаментите на коленото, по што потрагата по нов голгетер ја заврши со ангажман на Македонецот Стојановски.

Се вчитува...