Во Град Скопје промовиран официјално новиот сопственик на Вардар (ВИДЕО)

Новиот сопственикот на ФК Вардар, компанијата Блу Скај инвесмент и Слободан Крстевски денеска официјално промоввиран на прес-конференција во Град Скопје.

„Може официјално да соопштам дека успешно заврши посредувањето на Градот Скопје со стариот и новиот инвеститор и сопственик на ФК Вардар, со што всушност успеваме да обезбедиме извесна иднина за ФК Вардар, како една од најголемите спортски институции во нашава земја. Станува збор за фирмата Блу Скај инвесмент која е согласна во целост да го преземе постојниот договор со сите услови што Град Скопје го има склучено со поранешниот сопственик“ – истакна на прес-конференцијата градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, притоа дополнувајќи:

„Сите долгови во наредниот период ќе бидат во целост подмирени од новиот инвеститор, што е дел од новиот договор. А, Советот на Град Скопје на следната седница, која планираме да се одржи во втората половина на месец август, овој договор треба да го одобри, како надлежен орган кој ја има донесено и претходната одлука за продажба на акциите на ФК Вардар“.

Новиот сопственик, Слободан Крстевски најави сериозни планови за враќање на Вардар на старото место каде и припаѓа на фудбалската карта на Македонија.

„Благодарност до сите кои се ангажираа Вардар да биде исправен на некакви здрави нозе и да функцонира. Нашите планови се големи, можеби уште поголеми од минатите сопственици. Во преговори сме и со странски и со домашни инвеститори, за кога Вардар ќе се врати во Прва лига, да инвестираат во клубот. Планираме да ангажираме и некои лица во Вардар кои во минатото играле за тимот и од тука, но и од странство“ – истакна Крстевски.

Се вчитува...