Новото раководство ќе има полни раце работа да ја врати кошарката во посакуваниот правец, но дел од одговорноста ќе мора да преземат и навивачите и конечно да ја искоренат примитивната навика – со плукање на судии да го искажат бесот за незадоволството од арбитражата.
Така, во најновиот Билтен за натпреварување паѓа во очи дека во Првата, Втората, па и во Третата лига, повторно се санкционирани клубови за ваков престап на своите фанови.
Работнички се пласираше во полуфиналето, но „центарци“ ќе треба да платат за однесување на своите навивачи на драматичната мајсторка. Казната за плукање на службени лица изнесува 24.000 денари, исто како и за фрлање на тврди предмети на терен, а Работнички ќе плати и дополнителни 8.000 денари за неспортско навивање.
Санкциониран клуб имаше и во четвртфиналните двојки од плејофот во втората лига, каде иако сите патници беа добиени со максимални 2-0 во сериите, сепак имаше несакани случки на трибините.
Соколи од Штип е клубот што ќе плати 24.000 денари за плукањето на штипските фанови на првиот меч од четвртфиналето со Бутел. Само за споредба, вториот тим на МЗТ Скопје е казнет со 30.000 денари за настап со помалку играчи од пропишаното (седум кошаркари) на дуелот со Црн Дрим.
За впечатокот во мак-баскетот да биде комплетен, плукање минатиот викенд имаше и во третата лига, на дуелот меѓу Тетекс и Гевгелија.
Тетовци ќе треба исто така да издвојат 24.000 денари за однесувањето на нивните навивачи, откако во записникот е наведено дека на полувремето биле плукани кошаркарите на Гевгелија.
Јасно е дека казните пропишани од Комесарот Милојевиќ се согласно моментните прописи, па згора на тоа се дава и можност за 50% попуст ако казните се платат во предвидениот рок, до објавувањето на наредниот билтен.
Сепак, плукањето на официјални лица, судии и кошаркари е загрижувачки тренд што наместо да го снема, се повеќе зема замав. Затоа, треба сериозно да се размисли казните за ваквите нус-појави во мак-баскетот драстично да се зголемат, затоа што вакви какви што се – очигледно немаат „воспитна улога“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА