Во Валандово повторно се игра фудбал

Што значи фудбалот за еден град најдобро го покажаа фудбалерите на Победа од Валандово кои повторно играат првенствени натпревари во Третата лига-исток. Околу осум години немаа стапнато  на  градскиот стадион на кој теренот беше запустен, служеше за пасење на овци и крави. Што се случуваше последните години со Победа, формирана 1946 година, која играше на двапати  во Првата лига на Македонија.  Беше на прагот и по третпат да биде членка на Првата лига 1995 година, но тогашното раководство на Фудбалскиот сојуз на Македонија не дозволи, иако Победа беше првак на Втората лига. Образложението за ваквата одлука беше, дека еден меч Победа го има наместено, но немаше цврсти докази за тоа. Потоа се тргна на низдолница за Победа. Не ја доигра Втората лига,  со прекини играше и во Источен регион. Во Третата лига-исток не беше постојан член,  но за среќа конечно се „разбуди“ градот, кој има дури и Општински фудбалски сојуз, но само на хартија, бидејќи како да не беше заинтересиран за својата Победа.

Цел град на стадион

Вистински потег да заживее фудбалот во Валандово, да почнат да дуваат нови ветришта беше смена на раководните луѓе во Општинскиот фудбалски сојуз кога за нов претседател годинава беше избран Сашко Бајлозов, кој има играно за Победа и кој со група ентузијасти донесе одлука Победа повторно да игра во Третата лига – исток по  цели осум години. Се растрчаа да ангажираат фудбалери, повеќе млади од клубовите од околните села бидејќи немаше пари за некои звучни имиња. Стадионот и теренот се реновирани, не можaт да се препознаат.

И големиот труд , голема желба Победа повторно да биде фудбалска тема на градот, покажа првиот меч во Третата лига-исток кога беа продадени 1.400 билети. Победа во дерби средбата го победи својот долгогодишен ривал Ударник од Пирава  со 2:1. Ништо помалку немаше и на средбата со Овче Поле /3:1/. Се „запали“ Валандово, се виде колку се чувствуваше гладта за фудбалот. Се разбудија и навивачите на Победа, познати под името „Калинкари“ кои  за првпат по толку години ги следеа своите миленици на гостувањата на мечевите со Светлост во Зрновце /3:1/ и Рудар во Пробиштип  /1:0/ каде Победа забележа две нови победи.  По петтото коло /едно  беше слободна/, се наоѓа на првото место  на табелата со максимални 12 бода. На ред е сега ново дерби на стадионот  во Валандово, со Дојранско Езеро, нов фудбалски спактакл во овој град на калинките. Да веруваме и нова победа бидејки сега веќе се зголемија амбициите за повторно враќање во Втората лига.

Сите сакааат да помогнат

Во Победа сите се свесни дека треба уште да се работи, да зацврсне клубот, особено финансиски. Општината Валандово помогна со 300.000 денари. Од ФФМ, според одлуката на федерацијата не мораа да платат котизација за учество во Лигата.  Од разни фирми имаат обезбеден  бесплатен превоз на гостувањата  и ручек пред натпреварите. Малку пари се собираат и од продажба на билети кои чинат 100 денари, ново клубот веруваат дека последните успеси ќе донесат и повеќе спонзори.

Еден од најзалужните за овие успеси, покрај Сашко Бајлозов е сигурно и младиот тренер Кристијан Ристов, кој успеа за кратко време да ја уигра  и укомпонира екипата бидејќи поголем дел од   фудбалерите не тренирале заедно. Тој инаку поседува А лиценца и може да ја тренира Победа. Тука е и новиот претседател на клубот Јане Гогов. Еден од најдобрите играчи на последните натпревари е Филип Зајков кој е и еден од најмладите во клубот.

Ова се  сегашните играчи на Победа: Томе Стоилков, Илија Мацевски, Стефан Трајков, Милан Миленковиќ, Ѓорѓе Карамитров, Ристо Миленковиќ, Филип Зајков, Оливер Маринковиќ, Столе Наков, Никола Костадинов, Валентин Михајловски, Кирил Кокалански, Лазе Бајлозов, Бојан Ристов и Кристијан Митевски.

На крајот, сакаме да ги потсетиме читателите на  „Екипа“ кои познати фудбалери играле за Победа во нејзините поранешни години, кога се играше прволигашки фудбал во Валандово, кои тренери ја тренирале, кои беа фудбалски судии од градот на калинките. Го заслужуваат тоа. Миле Боев, кој е фудбалер на векот во Валандово, ја предводи таа листа. Потоа Стојан Стојанов, Милош Кнежевиќ, Томе Аљоков, Славко Вуксан, Анаштир Костов, Никола Танушев, Васе Аџиев, Мирче Карамучев… Меѓу тренерте се истакнуваат : Кавадарчаните Наќо Тотовски и Блажо Маликов, потоа Митко Џртев, Трајче Невеселов, Благој Ашиков и омиленииот за Победа, Гоце Петровски. Најпознати фудбалски судии беа Илија Турунџиев – Ченчер и Стојан Стојанов, кои судеа и во Првата лига на Југославија, потоа Васе Аџиев и Благој Кочев.

  М.Мицковиќ

Се вчитува...