Војдан: МЗТ Скопје може да ги совлада сите противници во АБА до крајот на сезоната

МЗТ Скопје е пред нов голем предизвик во АБА лигата. Во 18 коло од регионалното првенство во Скопје гостува шампионот на Словенија, Цедевита Олимпија во натпревар кој ќе биде одигран утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 17 часот.

Аеродормци не се наоѓаат во добра позиција за исполнување на амбицијата – опстанок во регионалното првенство, досега имаат само две победи, но еден од најискуните во редовите на „штрковите“, Војдан Стојановски верува дека тимот може да се натпреварува против секој, да ги добие натпреварите до крајот на сезоната и да го задржи местото во елитното натпреварување во сезоната која следи.

„Играме против една од најдобрите екипи во АБА, која игра одлично и во Евокупот. Се надевам на добар натпревар во кој ќе покажеме борбена игра со многу енергија со што ќе ги израдуваме нашите навивачи со посакуваниот триумф. Според мене, МЗТ Скопје може да ги совлада сите противници во АБА до крајот на сезоната што ќе значи и остварување на зацртаната цел – опстанок“, изјави Стојановски.

Се вчитува...