Војдан: Нема да биде лесно, но се надевам дека полната сала ќе биде нашиот шести играч

Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 19 часот во салата „26ти Април“ ги продолжува претквалификациите за Евробаскетот 2025. За противник „црвено-жолтите“ ќе ја имаат репрезентацијата на Норвешка која во Гевгелија доаѓа непоразена по воведните две кола.

Денешниот натпревар е од големо значење за освојувње на првото место го групата, а најискусниот во составот Војдан Стојановски повикува на внимателност против незгодниот противник.

„Нема да биде воопшто лесно, но се надевам дека ние ќе бидеме победници на крајот. Во последни пет години не сме во целост комплетни, со исклучок во август кога бевме повеќето тука и покажавме квалитетна кошарка. Во воведните два дуели немавме и натурализиран кошаркар“

За вториот „прозорец“ селекторот Јончевски не може да смета на услугите на Димитријевиќ, Јакимовски и Николов, но во составот се враќаат неколку стандардни репрезентативци, а ќе дебитира и новиот натурализиран кошаркар, Ти-Џеј Шортс.

„Сите кои пратат европска кошарка знаат дека Ти-Џеј Шортс е лидер во тимовите каде и да играл. Се работи за сериозен играч со светла иднина. Пред се тој како личност е многу добар, тоа го почувствувавме веднаш на стартот, бевме како да се знаеме долго. Ќе ни биде од преголема помош сигурно“

Гевгелиската публика во единствениот репрезентативен натпревар одигран на југот на Македонија им даде „ветар в грб“ на нашите најдобри кошаркари за убедлива победа против Косово, а Стојановски се надева дека денеска салата повторно ќе биде полна.

„Би сакал да ги повикам сите љубители на кошарката да ја исполнат салата до последно место и да бидат наш шести играч“, вели Стојановски.

Се вчитува...