Војдан: Нема предавање, со борба за секоја топка и цврста одбрана против брзите Италијанци

Македонските кошаркари со денешниот дуел против Италија (15.30 часот) го отвораат настапот на квалификацискиот турнир во Перм. Јасно е дека противникот ја има фаворитската улога, без оглед на фактот што „аѕурите“ се значително подмладени тие со ваков состав веќе остварија три победи (две над Русија, една над Естонија).

Сепак, нашите кошаркари најавуваат жестока битка во обид да го изненадат фаворитот и уште на самиот старт од овој пеколен турнир (четири меча во пет дена) да стигнат до првата победа.

„Свесни сме за квалитетот на италијанскиот состав, кој и со млади кошаркари заслужено е прв во групата. Главна одлика им е брзата кошарка на која инсистираат и играта во транзиција. Она што ќе биде клучно е да одиграме добра одбрана, пред се за да ги запреме нивните контранапади. Исто така, шутираат и многу тројки и доколку влезат во шутерски ритам се незапирливи. Ние нема да се предадеме, треба да играме тимски, да се бориме од секоја топка и да дадеме се од себе, од првата до последната минута од натпреварот“, истакнува капитенот Војдан Стојановски.

Се вчитува...