„Војна“ во Париз – Масовна тепачка, пет црвени картони и пораз на ПСЖ

Тотален хаос владееше во самиот финиш од големото дерби на францускиот фудбал меѓу ПСЖ и Олимпик Марсеј, на кој гостите триумфираа со 0-1. Нејмар и Ди Марија се вратија во стартниот тим на „светците“ откако го победија коронавирусот, но големите „ѕвезди“ не помогнаа да се разбуди заспаниот џин, кој трет меч по ред губи со идентични 0-1, по финалето од ЛШ со Баерн и премиерата на новата сезона против Ленд.

Тован беше стрелец на единствениот погодок на натпреварот што го одбележаа бројни брутални стартови, но судијата одолеваше да не исклучи фудбалер се до 96. минута. А тогаш – се случи вистинска војна на теренот, Паредес влезе во конфликт со Бенедето, Курзава почна и тепачка со Амави, по што четворицата добија црвен картон.

Згора на тоа, Нејмар беше забележан со ВАР како го удира Алваро, по што и Бразилецот на ПСЖ доби директен црвен картон, па сега го очекува долга суспензија.

Самиот факт дека беа покажани дури 14 жолти и пет црвени картони доволно говори за случувањата на теренот, во пресметката на двата најомразени ривали во фудбалска Франција.

Се вчитува...