Волф: Тркачките Богови беа на наша страна

Првата трка во новата сезона во Формула 1 донесе спектакл во Бахраин каде Луис Хамилтон успеа да го освои првото место пред Макс Ферстапен. Британецот и Холанѓанецот возеа неизвесно до самиот крај, во еден момент возачот на Ред Бул беше пред возачот на Мерцедес, но поради „нелегален маневар“ мораше да ја препушти пол-позицијата на искусниот Хамилтон.

Тото Волф, првиот човек на Мерцедес не го криеше задоволството од стратегијата со која германскиот тим успеа да се избие на првата позиција на ГН на Бахраин, но напомена на тоа дека и покрај победата на Хамилтон, Ред Бул останува оној кој има најбрз болид.

„Искрено доколку некој ми кажа дека ќе победиме не би му верувал. Се поправивме во однос на тренинзите пред сезоната, но Ред Бул во квалификациите беше многу побрз. Имаат неверојатен напредок. Во минатото во Бахраин немаа добри резултати, но овој пат покажаа дека ќе бидат исклучително конкурентни. Ние не бевме доволно брзи, меѓутоа комбинацијата на добра стратегија, солиден автомобил и неверојатните возачки вештини на Хамилтон ни ја донесоа победата. Тркачките Богови беа на наша страна“, изјави Волф.

Следната трка за ГН на Имола е за три недели, доволно време за Мерцедес да ги поправи грешките и да се обиде да ја продолжи доминацијата.

Се вчитува...