Натпреварот на осмото коло во Првата лига помеѓу МЗТ Скопје и Гостивар донесе и историја откако бекот на гостиварци, Ијасу Ворку забележа трипл-дабл учинок со кој стана првиот странец во македонското првенство кому овој податок му поминал од рака.
Дваесетитри годишникот беше енигмна за домашните играчи, а и покрај тоа што немаше „шутерски“ ден, најде други решенија во нападот, ги разигра и соиграчите и беше сигурен во скок играта, завршувајќи го натпреварот со 23 поени, 11 асистенции и 11 скока.
„За мене ова е прв трипл-дабл учинок во кариерата и горд сум на истиот, но во сенка останува поразот на натпреварот. Шутот не беше во моја полза на почетокот на мечот и се обидов да најдам начин да му помогнам на тимот на друг начин. Морам да им се заблагодарам и на соиграчите кои ми ја додаваа топката на вистинско место, а и самите ги завршуваа додавањата кои јас ги проследив. Исто така морам да му се заблагодарам и на тренерот Јончевски кој ми дава самодоверба и верува во мене дека ќе ги најдам правите решенија. Чест ми е тоа што сум првиот странец со вакво признаниие. Се надевам дека следниот пат ќе оствариме и победа“, изјави за ЕКИПА, Ијасу Ворку.
За жал остварувањето на Ворку не беше крунисано со триумф над актуелниот шампион и покрај тоа што гостиварци имаа шанса за целосен пресврт на крајот на натпреварот.
„Покажавме вистински натпреварувачки дух. Настапивме без Мејши Дејли и знаевме дека ќе биде тежок натпревар. Горд сум на овој тим, успеавме два пати да се вратиме од поголема негатива. Одигравме одлично тимски против МЗТ кој има одлични играчи во своите редови и им честитам за победа. Имавме и две шанси за победа, но за жал овој пат среќата не беше на наша страна. Следи интернационала пауза која ќе ја искористиме за одмор и подготовка за следните натпревари“, додава плејмејкерот.
Гостивар по осум одиграни кола има учинок од пет победи и три порази, а до крајот на првиот дел од сезоната на „сино-белите“ им претстојат натпревари со Академија ФМП, Пелистер и Кожув.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА