Возбудлива голеада на Чаир, Шкендија само со бод од битката против „лавовите“

Ренова е најпријатното изненадување на стартот од новата сезона во Првата лига иако испушти победа на Чаир во последните моменти од мечот. „Гипсарите“ имаа водство од 1-2, но Шкупи со вториот гол на Марин Јурина спречи гостите да имаат „три од три“ за максимални девет бода. Шампионот Шкендија е непрепознатлив, го освои првиот бод играјќи 1-1 против Македонија ЃП во Тетово, но се уште е без ниту еден триумф.

Струга Трим Лум со 2-1 славеше против Силекс, а Академија Пандев рутински освои три бода против Борец победувајќи со 2-0.

Шкендија никако да проработи. Првакот ремизираше (1-1) против Македонија ЃП. „Лавовите“ поведоа во 38.минута со голот на Едуардо Паду, но само три минути подоцна израмни Егзон Бејтулаи со удар со глава по корнерот што го изведе Фелипе.

Марин Јурина во 42.минута го доведе Шкупи во водство на Чаир, но Ремзифаик Селмани одговори само две минути подоцна, а потоа и со втор гол во 82.минута најави триумф. Сепак, Шкупи спаси бод со вториот гол на Марин Јурина во 90.минута од дуелот.

Академија Пандев исто така е без пораз и со седум освоени бода, како и Ренова, но се наоѓа на лидерската позиција. Струмичкиот прволигаш славеше против Борец со 2-0. Љупчо Дориев со одличен соло пробив донесе водство во 45.минута, а на почетокот на вториот дел Ѓорѓи Танушев со прекрасен гол со ножички го постави конечниот резултат.

Христијан Кировски е херојот на новиот прволигаш Струга Трим Лум, која е стопроцентна на домашен терен. По Работнички, во Струга падна и Силекс со 2-1. Кировски погоди во 30.минута за водство, Грозданоски израмни на почетокот на вториот дел, но повторно Кировски блесна во 65.минута и со својот втор гол донесе втор триумф за Струга Трим Лум во дебитантскиот настап во елитата.

ПРВА ЛИГА, 3.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-1

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – БОРЕЦ 2-0

ШКУПИ – РЕНОВА 2-2

СТРУГА ТРИМ ЛУМ – СИЛЕКС 2-1

ВЧЕРА: ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ 2-0

Табела: Академија Пандев 7, Ренова 7, Струга ТЛ 6, Македонија ЃП 5, Шкупи 4, Вардар 4, Работнички 3, Силекс 3, Шкендија 1, Борец 1.

Се вчитува...