Се е подготвено за почетокот на финалната серија од плеј офот во кошаркарската Суперлига на Македонија каде двете најдобри екипи сезонава МЗТ Скопје Аеродром и Маџари излегуваат на теренот во директна битка за шампионскиот трофеј.
Актуелниот шампион МЗТ Скопје ја носи улогата на фаворит благодарение на своето големо искуство во вакви клучни пресметки и предноста на домашниот терен во Аеродром. Од друга страна, исклучително мотивираниот состав на Маџари влегува во ова финале целосно растеретеб од притисокот, со сериозни амбиции за испушување на нови страници од клупската историја на тимот.
На клупата ќе се соочат Васко Атанасов и човекот кој беше негов помошник во Аедром, Миодраг Тодоровиќ кој е еден од главните виновници за историската сезона на новиот суперлигаш.
„За МЗТ ме врзуваат само убави спомени, за сите освоени трофеи и пријателства што траат, како со членовите на стручниот штаб, така и со играчите што беа дел од тимот додека јас бев тренер и кои се уште се во МЗТ. Секако дека ги почитуваме, фаворитската улога им припаѓа на нив, но тоа во ниту еден случај не значи дека Маџари ќе се предаде без борба. Ќе играме онака како што знаеме најдобро, беспоштедно, ќе оставиме срце на терен по 40 минути на секој натпревар. Горди сме на финалето, но и сакаме токму на овие натпревари да го потврдиме квалитетот што го поседуваме, да направиме нашите верни навивачи да се горди на нас и нашето залагање на секој меч. Ако МЗТ биде подобар, на крајот ќе честитаме спортски, но ќе сториме се за да покажеме дека Маџари апсолутно заслужено е во ова големо финале“, порачува за крај Миодраг Тодоровиќ.
Првиот натпревар од финалната серија во сезоната 2025/2026 ќе се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со почеток во 20.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
