Со вечерашниот натпревар помеѓу домаќинот Мексико и Јужна Африка (21 часот, Арена спорт) започнува 23. Светско првенство во фудбал. Во следните 39 дена, не очекуваат рекордни 104 натпревари, а кулминацијата ќе се случи на 19 јули во Њу Џерси, кога ќе добиеме нов светски шампион.
Дали Лионел Меси и неговите „гаучоси“ ќе ја одбранат титулата освоена пред четири години во Катар? Или Кристијано Роналдо конечно ќе се искачи на врвот на светот со Португалија?
Ниеден од нив не е меѓу главните фаворити. Таа улога првенствено ја имаат фантастичните Шпанци. Веднаш зад нив се „триколорите“ предводени од Килијан Мбапе и Англичаните со Хари Кејн.
Може ли некој да ги отпише Бразилците, кои ќе бидат предводени од големиот Карло Анчелоти од клупата? Или Германците кои се четирикратни светски шампиони? Се проценува дека повеќе од шест милиони навивачи ќе ги наполнат стадионите за време на турнирот, а уште шест милијарди луѓе ширум светот ќе го следат натпреварувањето преку разни медиуми, што потврдува дека ова ќе биде најголемиот спортски настан на сите времиња!

Многу предизвици ги очекуваат сите учесници, на и надвор од теренот. Временските услови и долгите патувања на мечевите ќе бидат дополнителен предизвик за организаторите и за навивачите.
Во секој поглед, овогодинешното Светско првенство ќе биде историско, прво на кое ќе учествуваат дури 48 репрезентации и прво кое ќе биде организирано од три земји како домаќини.
Натпреварите ќе се играат во 11 американски градови, три во Мексико и два во Канада. Рекордер е Бразил со пет титули светски шампиони, по што следат Германија и Италија со четири, Аргентина со три, Франција и Уругвај со две, и Англија и Шпанија со по една титула.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
