Арне Слот беше херој на Ливерпул откако во првата сезона успеа да ја донесе титулата на „Енфилд“, но холандскиот стратег на најтежок начин ќе дознае дека не може долго да се живее „на стара слава“. Последните информации од „островот“ говорат дека Слот е многу блиску до отказ од Ливерпул откако холандскиот стратег делуваше безидејно во обидите да го извлече тимот од големата криза.
Поразот од 0-3 на домашен терен од Кристал Палас ја прели чашата со незадоволство меѓу фановите, пред се поради фактот дека Слот се реши за комбиниран тим со многу младинци во момент кога можеше да го искористи овој меч за да ја прекине серијата катастрофални резултати на англиската фудбалска сцена. По четирите порази во низа во Премиер-лигата, Ливерпул беше елиминиран и од лига-купот, севкупно гледано „црвените“ имаат шест порази на последните седум меча во сите натпреварувања, а Холанѓанецот кој лани беше опишуван како тактички генијалец сега делува загубено во обидите да го извлече максимумот од новите скапи засилувања Вирц и Исак, но и да ги врати во ланската форма лидерите Ван Дајк, Салах, Конате…
Проблеми има многу, управата пред куп-мечот со Палас му искажа доверба на Холанѓанецот, но тој со секој нов натпревар е се поблиску до излезната врата од „Енфилд роуд“. Ливерпул викендов ќе го пречека тимот на Астон Вила, а потоа во ЛШ ќе следи и домашниот дуел со Реал Мадрид, што според англиските медиуми Слот нема да го дочека ако не успее против Вила да се врати на победнички патеки по четирите премиерлигашки порази во низа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

