Втор пораз за Шкендија, реми за Вардар во Велес

Актуелниот првак Шкендија доживеа уште еден пораз и по второто коло од новата сезона нема ниту еден бод. По загубениот меч во Струмица против Академија Пандев, тимот на Ќатип Османи со „нула“ го напушти и Кратово. Силекс славеше со 1-0, со прекрасниот погодок на Филип Дурански во 48.минута. Тој упати вистинска „бомба“ од далечина и ја затресе мрежата на шампионот.

Вардар освои бод на гостувањето во Велес кај новиот прволигаш Борец. На теренот со вештачка трева, „црвено-црните“ не можеа да наметнат своја игра, а Борец издржа и со играч помалку во финишот, по исклучувањето на Филип Петров во 75.минута од средбата.

Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев во „реприза“ на минатогодишното финале во Купот, ремизираа без голови. И двете екипи сега имаат по четири бода, по победите во воведното коло.

Ренова славеше против Струга Трим Лум со 2-1. Ремзифаик Селмани во 30.минута ги доведе домаќините во водство, Дејан Цветаноски израмни на почетокот на вториот дел, но Ренова сепак стигна до триумф. Нововлезениот Адеми во 87.минута успеа да погоди за втора победа на Ренова, максимален ефект и прво место на табелата.

ПРВА ЛИГА, ВТОРО КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

БОРЕЦ – ВАРДАР 0-0

СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА 1-0

РЕНОВА – СТРУГА ТРИМ ЛУМ 2-1

МАКЕДОНИЈА ЃП – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 0-0

ВЧЕРА: РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ 2-0

Табела: Ренова 6, Македонија ЃП 4, Академија Пандев 4, Работнички 3, Струга ТЛ 3, Шкупи 3, Силекс 3, Вардар 1, Борец 1, Шкендија 0.

Се вчитува...