ВТОРА ЛИГА – ИСТОК: Беласица со „есенската круна“, Брегалница одмазднички против Тиквеш среде Кавадарци

Беласица ќе презими како првопласирана во Втората лига – Исток откако во последното 14. коло од есенскиот дел славеше убедливо со 4-2 на домашен терен против Плачковица.

Струмичани до триумфот дојдоа со головите на Мартин Мирчевски во два наврати и Дарко Размоски, во првото полувреме и Ѓорѓи Марков од пенал во второто полувреме. Андреј Кудијан во финишот на првиот дел и во 83. минута беше стрелец на двата гола за Плачковица.

Во дербито на последното есенско коло Брегалница сервираше слатка одмазда за Тиквеш среде Кавадарци. По оној пораз од 0-1 на првиот меѓусебен дуел во Штип, сега Брегалница сосема заслужено со далеку подобра игра во второто полувреме од домашните стигнаа до триумф од 0-2. Прекрасни погодоци со глава по нафрлувањата од левата страна на одличниот Мартин Стојанов постигнаа Пепи Ѓорѓиев во 48. минута и Дарко Стојанов во 62. минута.

А, Кит Го ја запиша и седмата едноподруго победа, овој пат од 3-1 против Питу Гули, издвојувајќи се како екипа со најдолга победничка серија во двете лиги. Целокупната задача тимот на Емил Грнев си ја заврши во првото полувреме кога погодија Дарко Алексовски во 6. минута, Александар Пановски директно од корнер во 42. минута и Бошко Ступиќ во 45. минута. Стрелец за Питу Гули беше Селмани во 43. минута.

Каменица Саса продолжува со квалитетните изданија победувајќи го Кожуф со 3-1, а убедлива победа од 5-1 запиша и прилепска Победа против Осогово.

По последното коло Беласица презимува на врвот со 34 бода, Брегалница е втора со 31 бод, пред Кит Го со 30. Понатаму следат Тиквеш со 27 бода и Кожуф со 26 бода.

ВТОРА ЛИГА – ИСТОК, 14. КОЛО
Тиквеш – Брегалница 0-2
Каменица Саса – Кожуф 3-1
Беласица – Плачковица 4-2
Кит Го – Питу Гули 3-1
Победа – Осогово 5-1

 

Се вчитува...