Втора лига: Струмица и Чаир 2030 започнаа со „стотки“, неизвесниот дуел во Велес за Водно Санс

На кошаркарските терени ширум Македонија изминатиот викенд започаа и возбудувањата од Втората лига која беше комплетирана со мечот помеѓу Шкупи и Охирд кој беше одигран вчера. Уште од самиот почеток тимовите најавија одлична и неизвесна сезона во која детали ќе одлучуваат за тоа кој од следната сезона ќе биде дел од „елитата“.

Веќе во првото коло два тима успеаја и да ја надминат границата од сто постигнати поени. Струмица славеше на домашен терен со 103-68 над минатогодишниот прволигаш Црн Дрим, а Чаир 2030 ја доби Хераклеа со 107-82.

Вардар беше блиску до надминување на оваа граница откако во дуелот со Тетекс ТТК славеше со 94-65, а двоцифрени победи забележаа и Соколи 1933 кои славеа над Баскет КАМ со 87-74, како и Шкупи кој го доби дуелот со Охрид со 80-70.

Најнеизвесниот натпревар беше одигран во Велес каде до гостинска победа од 78-80 стигна минатогодишниот полуфиналист Водно Санс. Домаќините имаа и предност од 17 поени во првото полувреме, но гостите од Скопје успеаја истата да анулираат, а потоа со поени во самата завршница да стигнат и до победа.

Дебитантите Златев со 14 поени, Петков и Богатиновски со по 11 беа лидерите на велешкиот тим, а како двоцифрен со 10 поени натпреварот го заврши Виларов.

Се вчитува...