ВТОРА ЛИГА – ЗАПАД: Силекс му зема „мерка“ на Вардар

Силекс славеше со 2-1 над Вардар во дерби-дуелот од второто коло во Втората лига – Запад, откако кратовци благодарение на одличното прво полувреме го совладаа вечниот ривал, со кого заедно летово испаднаа од првата во втората лига. На „вардарци“ не им помогна ниту регистрирањето на засилувањата во летниот преоден рок, како и поддршката од „Комити“, кои отпатуваа за Кратово.

Мечот беше решен кон средината на првото полувреме, најпрвин Манасиевски стрелаше прецизно во 24. минута, а само шеесетина секунди подоцна Алији со прекрасен погодок зголеми на 2-0. „Вардарци“ заиграа нешто поквалитетно и ја ублажија негативата со гол од пенал на Блажевски, но и покрај шесте минути судиско продолжение не успеаја целосно да се вратат во натпреварот.

Воска Спорт останува рамо до рамо со Силекс со по шест освоени бода по првите две кола откако новиот второлигаш славеше над Кораби со 3-1.

Беса го совлада Тетекс со 2-0, тимот на Кадино беше подобар на домашен терен против Охрид (2-1), а без победник заврши дуелот меѓу Велешта и Гостивар (2-2).

Се вчитува...