Кошаркарите на МЗТ Скопје ја оправдаа улогата на фаворит, и го освоија првиот поен во финалната серија на плеј-офот против екипата на Маџари.
Во првите 40 минути од финалето, „металците“ користејќи го своето искуство успеаја да дојдат до првата победа пред екипата на Маџари која во добар дел од мечот и тоа како успешно парираше на фаворитот во неговата сала, покажувајќи дека нема така лесно да се предадат во битката за титула и покрај проблемите со повредени кошаркари.
Факт е, во секој случај, и дека Васко Атанасов, тренерот на МЗТ Скопје, има на располагање поголем број на квалитетни играчи, дуи и во една ситуација во која не може да смета на репрезентатовни имиња какви што се Андреј Магдевски и Бојан Крстевски, кои се на листата на повредени, а покрај теренот, беше и Хуан Дејвис, како прекуброен странец, како евентуална резерва за мечевите кои што следуваат.
Како и да е, вториот натпревар од финалето меѓу двете екипи е вечерва од 18 часот, на истото место, СЦ „Јане Сандански“.
Нова шанса за предизвикувачот од населбата Маџари, за кој многу значи отсуството на играч како Џавон Грин, не само како бројка и играч плус во ротацијата, која останува сериозно ослабена во моменти кога треба да се даде највеќе, секако, во обид резултатот кој веќе го направија да се претвори во сензација од невидени размери.
Денеска попладне, односно еден час порано (17 ч.) својот втор меч од серијата за трето место во првенството ќе го одиграат и екипите на Пелистер и ТФТ.
„Пелистерци“ направија брејк во оваа серија откако пред неколку дена го победија ТФТ на гостински терен со убедливи (109-87). И со евентуален триумф, вечерва пред своите гледачи во салата „Боро Чурлевски“ ќе стават крај на сезоната.
„МТЕЛ“ СУПЕР ЛИГА-МАЖИ – ПЛЕЈ-ОФ-ФИНАЛЕ (ВТОР НАТПРЕВАР)
18.00: МЗТ Скопје Аеродром – Маџари (1-0)
Голема сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/wje9JAIdavU?si=HNmYdtK2C3s_4RCJ
„МТЕЛ“ СУПЕР ЛИГА-МАЖИ – ЗА ТРЕТО МЕСТО (ВТОР НАТПРЕВАР)
17.00: Пелистер – ТФТ (1-0)
Спортска сала „Боро Чурлевски“ – Битола
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
