Вујин е слободен играч – Вардар на готовс

Вардар е во потрага по квалитетен десен бек, а една од опциите за „црвено-црните“ е и Марко Вујин, српскиот „бомбардер“ кој е слободен за трансфер откако доби раскин на договорот со Спортинг Лисабон. Португалскиот клуб не успеа да го направи посакуваниот исчекор на европската сцена, што придонесе најпрвин да се раздели од тренерот Анти, а потоа да објави и прекин на соработката со четири првотимци, и тоа Марко Вујин, Валентин Јонеа и Иван Никчевиќ.

Вардар го финишира составувањето на тимот за наредната сезона, а болна точка во моментов останува позицијата десен бек каде Вујин може да биде од огромна помош. Србинот има беспрекорно ракометно реноме, впрочем тој е петти најдобар стрелец во Лигата на шампионите со 841 гол во елитното европско натпреварување. Иако бројките драстично му паднаа по трансферот во Спортинг (62 погодоци на 24 натпревари), српскиот „бомбардер“ би бил одлична опција за тренерот Алушовски, носејќи и квалитет и искуство во таборот на „вардарци“.

За потсетување, „црвено-црните“ останаа без услугите на Криштопанс и на Толедо. Во меѓувреме од Металург беше доведен Јагуриновски, но младинскиот репрезентативец во секој случај ќе биде резервна опција за средбите во ЛШ, за Вујин или за некој друг ракометар што претседателот Михајловски ќе го договори во најскоро време.

Се вчитува...