Вујо дециден: Вардар не трпи просечност, за овој дрес мора да се гине на терен

Веселин Вујовиќ со денешната прва прозивка ја стартуваше својата нова ера како тренер на Вардар. Овојпат притисокот е уште поголем бидејќи „црвено-црните“ во меѓувреме двапати стигнаа до титулата европски првак, податок што е само мотив плус за Вујовиќ да го извлече максимумот од тимот што го создаде.

Од засилувањата кои беа донесени летово на прозивката отсуствуваше само Гурбиндо, кој е со селекциајта на Шпанија на подготовки за ОИ, а Стоилов и Ристовски почнаа со тренинзи иако се уште не се стопроцентно подготвени поради повредите што ги мачеа во текот на ланската сезона.

„Знаеме што значи Вардар, што значи да се биде дел од овој клуб. Веќе им кажав на играчите јасно и гласно: Можете да ме сакате мене или да ме мразите, но за овој дрес мора да се гине на терен, тоа е единствениот начин на кој може да се стигне до резултат. Вардар е тим што не трпи просечност, тоа е тим со две европски титули и реноме што се градело со години, наша обврска е тоа да го сочуваме. Она што им го ветив на играчите е дека секој ќе добие своја шанса да покаже што знае на терен, имаме доволно натпревари за сите да докажат дека се доволно квалитетни за да бидат дел од овој клуб“, изјави Вујовиќ.

Тој генерално е задоволен и од групата што „црвено-црните“ ја добија во Лигата на Шампионите.

„Тргнуваме со подготовки, во Скопје е премногу топло за сериозни тренинзи, но потоа одиме на Златибор, па следат Суперкупот со Еурофарм Пелистер, па неколкуте пријателски натпревари. Четвртфиналето со Загреб во СЕХА е првиот сериозен испит за овој тим на Вардар, јас малку на шега, малку сериозно кажав дека е добро што реваншот го играме во Загреб, бидејќи оттаму веднаш можеме да заминеме на фајналфор во Задар. Искрено верувам во тоа. Што се однесува до групата во ЛШ, генерално сум задоволен. Немаме ривали за кои можеме да кажеме дека сигурно ќе ги победиме, но од друга страна верувам дека можеме да играме со секој од противниците што ги добивме и доколку дадеме се од себе на терен, можеме да стигнеме до резултатот што го посакуваме“, оптимистички е расположен повратникот на клупата на Вардар.

Се вчитува...