Вујовиќ: Ќе дадеме се од себе против Кил, сакам Вардар да победува и кога не игра најдобро

Ракометарите на Вардар во среда на домашен терен ќе го пречекаат германскиот Кил во натпревар од шестото коло во Лигата на шампионите.

Тренерот на „црвено-црните“, Веселин Вујовиќ вели дека неговиот тим сака да победува и кога не игра најдобро.

„Кил во Скопје доаѓа не во најдобра форма и со отсуство на некои важни играчи. Искрено би сакал Кил да дојде во полн состав, за ние да можеме да го покажеме целиот наш квалитет. Сакам Вардар да не игра само во моментите на инспирација, носен од добрата атмосфера. Сакам да победуваме и кога не играме најдобро. Не треба да бараме оправдувања, сите знаат дека ние сме нова екипа. Ме радува тоа што Вардар има простор да напредува, да биде уште подобар. Ние сме мотивирани, од тренерот до играчите, сигурен сум дека не треба да ги повикувам навивачите да дојдат во сала, ќе дадеме се од себе да го победиме фантастичниот Кил без разлика што не доаѓа во комплетен состав“, изјави Вујовиќ. 

Слично размислува и средниот бек, Анте Гаџа.

„Мислам дека има уште простор за напредок во нападот иако и досега постигнуваме доста голови. Кил многу лесно ги казнува грешките, трчаат брзи контри затоа не смееме да грешиме“, рече Хрватот на денешната прес-конференција. 

Се вчитува...