Вујовиќ: Мора да ја прекинеме серијата порази во ЛШ

Македонскиот ракометен шампион Вардар утре му гостува на Пик Сегед во натпревар од 7. коло во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ се во серија од три порази во елитното натпреварување и по одличниот старт на сезоната се наоѓаат во една мала криза.

Тренерот на „вардарци“, Веселин Вујовиќ вели дека мора да ја прекинат серијата порази во Лигата на шампионите.

„Продолжува Лигата на шампионите по ЕХФ паузата. Сите се собравме, сите се здрави, што е многу важно. Играме против Пик Сегед, познат противник и еден од најдобрите тимови во Европа. Некако како да играме некој бараж, бидејќи сега одиме во Сегедин, а после седум дена тие доаѓаат во Скопје. Ќе биде интересно да видиме како ќе се одвиваат двата натпревара. Вардар е подготвен, јас веќе реков дека мора да ја прекинеме оваа серија порази од Монпелје, Алборг и од Кил. Најголемата шанса ни е во Сегедин. Мора да одиграме храбро, Вардар по традиција игра добро во Сегедин, па се надевам дека и овој пат ќе биде така“, изјави Вујовиќ. 

Натпреварот меѓу Пик Сегед и Вардар кој ќе се игра во Сегедин е закажан за в четврток од 18.45 часот.

Се вчитува...