Вујовиќ: Некои играчи треба да се замислат, или ќе играат подобро или ќе си одат од Вардар

Веселин Вујовиќ повторно имаше причина за разочараност откако Вардар го претрпе и третиот пораз во низа во Лигата на Шампионите. Извонредното прво полувреме не беше доволно за радост бидејќи Кил направи целосен пресврт во вторите 30 минути во кои Германците безмилосно ги казнуваа грешките на „црвено-црните“.

Не наведувајќи имиња, Вујовиќ порача дека дел од играчите ќе треба да прикажат многу подобра игра доколку сакаат да останат во Вардар до крајот на сезонава.

„Честитки на тимот на Кил на заслужената победа. Ние се надевавме дека можеме да победиме бидејќи гостите беа без неколку ракометари, во првото полувреме делуваше дека сме многу блиску, но и во тие моменти многу се мачевме во нападот. Имавме водство поради одбраната и многу добриот Томовски, но нападот се мачеше, бековите беа надвор од ритам и шутерски не можевме да одговориме на предизвикот со „шест на шест“. Моравме да се обидеме со „седум на шест“, тактика од која сме тензични и ние на клупата и навивачите на трибините. Направивме премногу грешки и примивме 19 гола за едно полувреме, преголема бројка за тим како Вардар и начинот на кој јас сакам да играме. Сакам да кажам дека има играчи кои треба добро да размислат дали од половина на сезоната ќе останат во Вардар бидејќи од нив очекуваме многу повеќе“, истакна Вујовиќ на прес-конференцијата по натпреварот.

Сега следи пауза во Лигата на Шампионите поради репрезентативната пауза, а Вардар следниот меч ќе го игра на гостински терен против Пик Сегед.

Се вчитува...