За Е. Пелистер само пуста надеж за европски бод и против Алборг: Не помогна ниту одличната партија на Кузмановски!

Остана само надежта за прв европски бод за Еурофарм Пелистер и дуелот против Алборг во Битола во 13. коло од Лигата на шампионите. Македонскиот шампион не можеше да парира ни на Данците кои триумфираа со 28-33 (14-17).

Уште од самиот старт беше очигледна желбата на„пелистерци“ да дојдат до првиот бод во најквалитетното европско клупско натпреварување, но сето тоа залудно. Не се успеа да се парира на расположениот противник кој уште по првото полувреме се стекна со предност.

Во вториот дел Данците само рутински ја одржуваа и зголемуваа предноста за на крај триумф од 28-33, иако низ текот на второто полувреме имаа предност и од седум гола разлика.

На македонскиот состав не му помогна ниту феноменалната партија на Филип Кузмановски и неговите дури 9 постигнати гола од 11 обиди. Со шест погодоци заврши Урош Борзаш, а четири гола постигна Жарко Пешевски. Три гола постигна Цехте, а со два погодоци заврши Дејан Манасков.

Се вчитува...