За Сари нема спас, отказот е само прашање на време

Маурицио Сари нема никакви шанси да остане на клупата на Челси до крајот на сезонава, а отказот е само прашање на време – дали италијанскиот стратег ќе остане до финалето од Лига-купот на Англија против Манчестер Сити или Роман Абрамович ќе се реши за „шок-терапија“ во својот тим пред дуелот на „Вембли“.

Синоќешниот пораз на „Стемфорд бриџ“ од Манчестер Јунајтед уште еднаш извади на површина бројни проблеми во играта на Челси, но најзагрижувачки е фактот дека играчите воопшто не го прифаќаат „Сари-бол“ како стил на игра, тактика што на Италијанецот му даде резултат во Наполи, но делува како тотално промашување во Премиер-лигата. Навивачите го исвиркуваа Сари речиси цел натпревар, тој по натпреварот им порача дека не е загрижен поради нивното незадоволство, но управата има поинакво видување на целата ситуација.

Одлуката за разделба од екс-тренерот на Наполи е веќе донесена, но проблем е да се најде адекватна замена, некој што ќе може да се носи со Манчестер Јунајтед во трката за четвртото место на табелата. Врвните стратези се почесто одбегнуваат соработка со Абрамович, а Зинедин Зидан постави свои услови, но за преземање на клубот во текот на летото. Ако на ова се додадат и најавите за забрана за трансфери што ќе му биде изречена на лондонскиот клуб, јасно е дека ситуацијата е алармантна.

Се вчитува...